^

BLOG

(Не)функционалноста на институциите и ефектотот врз менталното здравје и развојот

Поплавата кај Стајковци, несреќата кај Ласкарци, модуларната болница во Тетово, сообраќајните несреќи со трагични последици и небезедноста на пешаците, се само дел од примерите каде граѓанинот е оставен без поддршка од инстуциите кои треба да обезбедат елементарна сигурност и безбедност.

IDA PROTUGER

+

RELATED

A path to yourself – Building relationships

Recognizing own emotions, the needs behind them, and self-care are essential for nurturing own authenticity. It is also the basis for building quality relationships with others. To venture into intimacy but not lose ourselves.

A path to yourself – Authenticity

Many of us shape our behavior according to belonging needs and conform to other people’s needs in some context. The main difference makes self-awareness about the choices we make. The difference between “what I want to do” and “what I have to do.” The choice “I want to do” is when the person holds the steering wheel, and he is the author of his life with all choices they make. “I have to do” is the sentence when we feel that outside forces are driving our behavior.

Која е разликата помеѓу среќа и благосостојба? Чувство на исполнетост, живот со смисла. Тоа е она што во позитивната психологија се нарекува благосостојба. Зборот го влече значењето од страогрчкиот збор еудамонија, што значи, квалитетен, исполнет живот. 

Благосостојбата е пошироко сфаќање на среќата. Ние можеме да доживееме среќни моменти во текот на денот, но ако секојдневието ни е стресно, се бориме со многу предизвици и доживуваме лоши искуства, нема да го оцениме животот како исполнет. Можеме да доживееме незаборавни моменти во една релација со некого, а повторно, да оцениме дека таа врска не нè поддржува како личности. Оттука благосостојбата е состојба на долгорочна среќа, живот што би опишале дека е вреден за нас.

Луѓето природно тежнеат кон среќа и благосостојба и нивните мисли, делувања и однесување се главно насочени кон тоа. Дури и кога стратегиите таа да се достигне се чудни или контроверзни, бидејќи потребите кај луѓето, нивното искажување и задоволување е комплексно. Зад однесувањето, мислите и делувањето секогаш стои одредена потреба чие задоволување треба да обезбеди комфорт, задоволство. Концептот на благосостојба е поврзан со задоволување на потребата за самореализација. Не се сведува на автомаtско, несвесно или пак „анимално“ задоволување на потребите, туку со свесност за она што ни треба, кон кое тежнееме и е во состав на „големата слика“ за нашиот живот, вклучително интернализираните вредности.

Во Хиерархијата на потребите на американскиот психолог Абрахам Маслов, во основата лежат физиолошките потреби, потоа потребата за сигурност, па за припадност, натаму за почит и потврда, а на врвот на хиерархијата е потребата за самореализација. Иако човековата природа е комплексна и некогаш задоволувањето на потребите не оди точно по овој хиерархиски ред, најчесто пред да тргнат кон самореализација, луѓето даваат предност во трошењето на ресурсите и енергијата за задоволување на базичните потреби, меѓу кои сигурноста и безбедноста на пример.

Моја професионална база во работата се хуманистичката и позитивната психологија. Полето на нивните истражувања не е првенствено насочено кон дефицитите на луѓето и барање причини за она што „не е во ред“ туку кон човековата благосостојба и условите како таа да се достигне. Генерално се фокусирани на позитивниот хуман потенцијал, личните ресурси кои би се (ре)откриле, развиле и ставиле во функција кон она што за личноста значи исполнет живот. 

Благосостојбата не се ограничува само на индивидуи, туку и на институции и општества. Интервенциите исто така не се насочени единствено кон личен раст на индивидуите и нивна самореализација, туку и кон зајакнување на институциите во насока на поддршка на благосостојбата на заедницата. Институции кои не само што ги поддржуваат граѓаните, туку и рефлектираат вредности за кои едно општество постигнало внатрешен договор дека водат кон напредок и благосостојба. Во позитивната психологија тоа се хумани вредности кои поддржуваат раст, услови за индивидуата да „процвета“ и да го развие најдоброто од себе. Такви вредности се еднакви услови, праведност, толеранција, одговорност, храброст, емпатија, солидарност, слобода, резилиентност. На пример во училиштата, институции кои поттикнуваат солидарност, емпатија, развој на потенцијалите на децата. Или пак такви кои го поттикнуваат приватниот сектор и отворање работни места. Институции кои креираат услови за еднаков пристап до ресурсите на сите граѓани кои ќе се чувствуваат сигурни, вклучени во процесите и поддржани од системот.

Намерата на оваа анализа е токму тоа, како до благосостојба во општествата со силни и функционални институции како поддршка, за граѓаните да можат да ги максимизираат своите потенцијали. Како ефект од таквата поддршка се ресурсите што тие граѓани би ги ставиле на располагање во општеството.

Човековите потреби и институционалната поддршка

Во Виена, градот каде живеам, на денот на вљубените, виенското јавно транспортно претпријатие годинава на екраните им го честиташе празникот на граѓаните на креативен начин употребувајќи зборови кои ги поврзуваат јавниот транспорт и љубовта како “ein BUSsi für dich” (еден бакнеж за тебе) или “Ich OFFI mein Herz für dich” (ти го нудам моето срце). Основна дејност на таа институција е да обезбеди квалитетен превоз што прво ќе ја задоволи елементарна потреба за сигурност кај граѓаните. Бидејќи тоа не е доведено во прашање и виенскиот јавен превоз е еден од најдобрите во светот, институцијата оди чекор понатаму и „комуницира“ со граѓаните на ниво на почит, емотивно поврзување итн.

Австрија е стабилна држава, со функционални институции и граѓаните се чувствуваат сигурни, институционално поддржани, па својата енергија и ресурси имаат можност да ја инвестираат во креативност, себе-реализација и задоволување на „повисоките“ потреби, од што државата има исто така полза бидејќи го добива најдоброто од своите „човечки ресурси“. Македонија е држава на нефункционални институции, кои внесуваат несигурност кај граѓаните. Наместо да ја инвестираат енергијата во себе-реализација и креација, граѓаните ја трошат на фрустрација и решавање на елементарни проблеми кои произлегуваат од нефункционалниот систем. 

Само еден личен пример ќе дадам што илустрира нефункционален систем, а не е во директна корелација со БДП на државата. Изминатото лето требаше да ја обновам возачката дозвола. Закажав термин онлајн среќна што дигитализацијата функционира. Одвоив еден час за терминот, наивно верувајќи дека е логично во закажан термин да има еден двајца пред и после мене. Имаше 50, во просторија од 50 квадрати, без ниту едно столче. Чекав два и пол часа со чувство на задушеност под маска, умор од стоење и урнато достоинство.

Просторија опремена со столици чини помалку од едно службено возило. Поинаква организација на термините при што ќе се води сметка за достоинството на граѓаните не чини ни толку. Главната разлика е отсуството на политичка воља да се стават граѓаните во фокус, да се креира функционална институционална рамка која неселективно ќе ги обезбедува и штити нивните права и ќе рефлектира сигурност и предвидливост. За да има политичка воља пак, битно е да постои свест за последиците, ефектите од носењето одлуки. Свест за „големата слика“.

Разликата во ефектотот врз благосостојбата на луѓето во земјите со функционални и во оние со нефункционални институции е во тоа што првите чувствувајќи се сигурно, заштитетно и поддржано, својата енергија можат да ја насочат кон развој на своите потенцијали до максимум од што бенефицира и државата. Вторите, се во постојан грч од неизвесност и енергијата ја користат за решавање на проблемите кои произлегуваат од нефункционалноста на институциите и немаат време ниту енергија да ги развиваат своите потенцијали до максимум. Поплавата кај Стајковци, несреќата кај Ласкарци, модуларната болница во Тетово, сообраќајните несреќи со трагични последици и небезедноста на пешаците, се само дел од примерите каде граѓанинот е оставен без поддршка од инстуциите кои треба да обезбедат елементарна сигурност и безбедност.

Нефункционалноста на институциите што рефлектира несигурност кај граѓаните е голем стрес-фактор. Бројот на стрес фактори е во позитивна корелација со негативните ефекти врз менталното здравје. Што повеќе стресори, тоа повеќе негативни ефекти. Стрес-факторите, односно стресорите кај личноста предизвикуваат биолошки одговор на организмот како при надоаѓачка опасност. Но, ако порано, гледано историски, било стрес-фактор перцепирање на бафало кое трча кон праисторискиот човек, денеска е тоа опасност да ви доцни платата на пример. Опасност да преминете улица ако знаете дека државата е немоќна да спроведе закон што треба да обезбеди безбедност за пешаците. Опасност да се разболите бидејќи здравстениот систем за парите кои ги уплаќате не може да ви обезбеди ниту ПЦР тест за корона навреме, па да не зборуваме за посложени услуги.

Организмот во сите случаи на перцепирана опаснот реагира со ист стрес-механизам. Се активира симпатикусот кој треба да поттикне лачење на хормони кои ќе му помогнат на човекот да влезе во режим на бегство или борба (fight of flight mode) што му било потребно за да опстане во суровиот див свет гледано историски. Тоа подразбира лачење на големо количество адреналин, срцебиење, забрзано дишење, контракција на мускулите. По завршување на опасноста, се активира парасимпатикусот и настанува состојба на релаксација. Ако перцепираната опасност, однсоно стрес, трае подолго, организмот не се релаксира и наместо адреналин почнува да се лачи кортизол, кој се нарекува хормон на стресот. Долгорочно лачење на кортизол има директни последици врз менталното здравје, како анксиозност, несоница, пад на мотивација, депресија, burnout.

Режим на преживување

Ако разбирањето на овој механизам го ставиме во контекст на нефункционалноста на системот во Македонија, заклучокот е дека граѓаните главно функционираат во режим на преживување и справување со стресот. Тоа ги оневозможува личните ресурси да ги насочат кон креација, кон тестирање на сопствените потенцијали и достигнување на целите од она што се вика исполнет живот. 

Тој режим на преживување го раѓа клиентелизмот како модус вивенди, кој прерасна во форма на ендемска корупција. 

Преживувањето значи дека си оставен сам на себе, а сите услуги кои ти следуваат и за кои плаќаш даноци да треба да се добијат со „врски“.  Од тоа да се фатат „врски“ за елементарна здравствена услуга, потребен документ навреме, до добивање тендер. Во таквото преживување, институциите се оттуѓени од граѓаните и креираат посебен под-систем односно мини-општество во тесна соработка на партиите на власт. И во тоа „општество“ нема еднаков пристап до ресурсите за сите граѓани, туку за оние кои се „во кругот“. Впечатокот е дека граѓаните се жртви на системот, на нефункционалноста на институциите. Но, дали? Во институциите, во власта, во политичките партии седат и членуваат луѓе кои потекнуваат од истата заедница. Не се „увезени“ кадри. Нема поинаков менталитет, капацитет туку тие луѓе се рефлексија на условите за личен развој и вредности што ги негува заедницата.

Тоа се луѓе исто така ставени во режим на преживување и чувствувајќи се немоќни да го сменат системот како поединци, лесно го прифаќаат клиентелизмот и ги прегрнуваат привилегиите кои им овозможуваат „да се збогатат додека се на власт“.  Вработените во инстуциите пак неместо кон граѓаните – плаќачи на даноци, свртени се целосно кон задоволување на потребите на партиите кои им нудат сигурност преку обезбедено работно место.

Се поставува тогаш прашањето како е можно да се постигне свест и одговорност за заедничка иднина, благосостојба на целата заедница, за „големата слика“, за ресурси за следните генерации? Како може свеста да се помести од „сега и денес да ми е мене добро“, кон „утре да ни биде на сите добро“? 

Од неодговорно однесување, кон одговорно делување?

Меѓу причините веројатно е релативно блиската историска дистанца од времето каде еден центар на моќ, авторитет, ги носел одлуките, а преку образовниот систем, институциите и медиумите, граѓаните се „воспитувани“ да останат деца и кога ќе пораснат, односно наместо да носат самосвесни одлуки, да следат инструкции и да бараат некој друг да им ги реши проблемите. Тоа јас го велам „синдром на непораснати деца“. Но и во развиените земји таков центар на моќ била католичката црква на пример, а институциите се функционални. Оттука, слично на концептот на позитивната психологија, помалку е важно зошто некој станал депресивен и да се загалвиме во причините, одошто да ги видиме условите и ресурсите тој да стане исполнет, среќен.

Во овој контекст, она што е најбитно од психолошки аспект, се однесува на локусот на контрола. За да кажеме за една личност дека е зрела, дека станала возрасен човек, не е доволно таа да биде полнолетна. Разликата меѓу дете и возрасен е во тоа што контролата, моќта и одговорноста за децата е во рацете на родителот, возрасниот.  Локусот на контрола е надвор, а децата немаат целосна автономија во одлучувањето. Постои „супервизија“ која го следи делувањето.

Умешност во воспитувањето и подигањето на деца кои ќе станат зрели личности е наместо со казни и уцени, децата да се воспитуваат да ги разберат последиците од нивното делување и личната одговорност притоа. Своето однесување да го моделираат не заплашени од казна, туку согледувајќи ја моќта на изборот и последиците од тоа. Секако на тој пат, наградата и казната се инструменти, особено на рана возраст, но целта е постепено локусот на контрола да се интернализира. Кога локусот на контрола се интернализира, тогаш единката е свесна за својата моќ, контрола на своето однесување, слобода на избор и одговорност за своето делување. Тогаш може да ја согледа подобро и својата улога во заедницата и одговорноста за своето влијание пошироко. 

Постои во коучингот една алатка која се нарекува Скала на одговорност (Ledder of accountability) која илустрира токму однесување каде локусот на контрола е надвор од поединецот и тој се правда, бега од одговорност, ја обвинува „тешката судбина“, лошиот шеф и сл. Тоа однесување се опишува со изразот „нештата секогаш ми се случуваат на мене“. Тоа е однесување на жртва. На другото ниво е опишано однесувањетоа „нештата се случуваат поради мене“, каде поединецот целосно е свесен за личната одговорност, моќ и контролата врз своите постапки. Локусот на контрола е интернализиран. Таа личност ги ужива бенефитите на успесите, но и одговорноста на постапките за неуспесите. 

Во однос на менталното здравје на луѓето, ако локусот на контрола е надвор и личноста мисли дека нејзе и се случуваат лошите работи, таа нема да ја чувствува личната моќ на носење одлуки кон промени какви ги посакува. Тогаш ќе слушаме изјави дека некој е ненадлежен, му наредиле, комплексна била ситуацијата и се што личи на оправдување, а е далеку од преземање одговорност.

Лидери со внатрешен локус на контрола пак, се оние кои трагаат по решенија, знаат дека нивното делување и носење одлуки ја обликува иднината и судбината на целата заедница. Дека промените ќе се случуваат поради нив. Секако, во градењето на личности преку воспитување, образование, важни се и вредностите што ги негува едно општество, а кои се рефлектираат од културното миље, семејни вредности и образование. 

Во капиталистистички општества на пример, моќта е кај поединецот, се поттикнува неговата одговорност, но вредносниот систем наметнува постигнувањата да се мерат во финансиски профити. Во мала држава како Македонија и народ кој се „чувствува“ немоќен, приказните, на пример оние за Итар Пејо, рефлектираат вредности како надитрување и снаоѓање. Кои повторно не придонесуваат за развој, туку за преживување. Во општествата каде безбедноста и сигурноста се апсолвирани и институциите функционални, капацитетите на државата се ставени во поддршка на граѓаните и нивните права, слободи, потенцијали. Вредностите што тие институции ги рефлектираат се солидарност, еднакви услови, здравје.

Конечно, за да можат институциите да поддржат раст на своите граѓани, потребно е лидерство кое во моќта на функцијата не гледа корист за себе, туку алатка за да се креираат промени кон подобро. Кое го разбира ефектот од сопственото делување во креирање на тие подобри услови. Односно кое претходно ги интернализирало хуманите вредности кои водат до напредок и поттик на човечкиот раст.

Хуманите вредности треба да се интернализираат прво кај доволен број припадници на општеството за да станат вредности на заедницата. 

Претседателот Пендаровски на пример, со потегот да ја придружува малата Ембла до училиште од највисок државна позиција покажа промоција на емпатијата, солидарноста и инклузивноста како вредност. Обидот да се протне несоодветен стручен кадар да ја претставува надворешната политика во Њујорк е повторно промоција на „итарпејовски“ вредности на итроштини и „ако пројде – пројде“ начин на размислување и делување.

Во подигнувањето на свеста и промоција на вредности, не се секогаш клучни носителите на функции. Голема улога имаат медиумите и невладиниот сектор, развојот на критичкото размислување. Размена на перспективи, здрава дебата за решенија, откривање и санкционирање на корупцијата се важна алка за поттикнување консензус околу вредности кои ќе го заменат клиентелизмот и корупцијата. Подигнување на свеста кои нѝ се потребите како општество и како да ги задоволиме. На пример, кога чувствуваме жед, посегнуваме по вода. Тоа е автоматска реакција.

Што правиме кога чувствуваме гнев? Можеме да реагираме „детски“, да одиме во деструкција, автодеструкција, обвинување на другите, осуда, но тоа нема да ни ја промени ситуацијата кон посакувана. А може гневот како емоција да ни биде поттик, да не мотивира да ја промените ситуацијата која не фрустрира. Има една мисла на познатиот американски психотерапевт Милтон Ериксон – „не можеш да ги бираш картите кои ти се поделени, но можеш да одлучиш како ќе играш со нив.“ Со други зборови, важно е да се помести фокусот од проблеми кон решенија. Од жртва кон автор на сопствениот живот. Од пасивен консумент на приликите, во активен креатор на сопствената иднина.

За жал, многу квалитетни кадри од Македонија кои ја земаа „судбината во свои раце“, ја напуштија Македонија во потрага по средина која ќе го поддржи нивниот раст како личности. Каде ќе имаат институционална поддршка и услови да ги максимизираат сопствените потенцијали. Дали Македонија ќе успее да обезбеди амбиент во кој граѓаните ќе излезат од режим на преживување, кон таков на творење и самореазлиација? Веројатно промените да дојде до тоа се преку образованието.

Во училиштата преку подигнување на деца кај кои повеќе од тоа „како треба да се однесуваат“, ќе се води сметка како се чувствуваат, кои се нивните потреби и потенцијали. Да се јакне нивната свест за активна улога во сопствениот живот и употребување на личните ресурси кон креирање на сопствената, но и заедничка иднина. Кон интернализирање на локусот на контрола. Во компаниите преку тренинг на лидери кои ќе успеат да ги максимизираат потенцијалите на вработените водејќи сметка за нивната благосостојба и со тоа ќе го уживаат бенефитот врз продуктивноста. Во институциите, преку тренинг за комуникација насочена кон јасни долгорочни цели, каде фокусот ќе биде ставен на граѓаните и услугите што треба да се испорачааат. Тренинг за личен развој на лидерите кон одговорно и отчетно управување, фокус на „големата слика“.

Едно општество вреди колку што се вредни неговите човечки ресурси. Некогаш не е пресуден БДП, големината на државата, туку посветеноста, целта и јасна визија за „големата слика“. Тие промени почнуваат со поединци, па полека се шират во вредности на целата заедница. Или како што е познатиот цитат на Маргарет Мид, „Никогаш не се сомневајте дека мала група внимателни, посветени граѓани може да го сменат светот. Всушност, тоа е единственото нешто што некогаш го има.“

Текстот е прв пат објавен во публикацијата „Ментaлното здравје под стрес“ на Фондацијата Friedrich Ebert.